Ако бројот на корисниците на Интернет во земјава наскоро не се зголеми, на Македонија во наредните неколку години и се заканува информативен и технолошки мрак поради неможноста за брза размена на информации со регионот и со светот. Според последните истражувања, само 2 до 5 отсто од граѓаните во Македонија користат Интернет. Од 100 граѓани што дома поседуваат компјутер, на Интернет се „закачуваат" само 26 отсто.
Со најавеното поскапување на телефонскиот импулс ситуацијата нагло ќе се влоши, предупредуваат домашните експерти за информациско-комуникациски технологии (ИКТ). Тие порачуваат дека е крајно време Владата финансиски да помогне во пристапот на Интернет, така што граѓаните да не плаќаат за потрошените телефонски импулси додека сурфуваат.
Главни причини за малиот број корисници на Интернет покрај високата цена на телефонскиот импулс, се непознавањето на англискиот јазик, но и незнаењето зошто всушност им е потребен Интернетот.
Во истражувањето што неодамна го спроведе институтот Отворено општество на Македонија се вели дека освен фиксната телефонска линија и до некаде мобилните телефони, сите други комуникациски помагала, како компјутер во домот, пристап на Интернет, кабелска телевизија и кредитна картичка, кај македонските граѓани се реткост, а некои и исклучок.
Податоците за користењето Интернет во Македонијаат варираат од 2 до 5 отсто.
- Постојат два начини Интернетот да се пробие во Македонија. Едниот е да се остави пазарот да си го направи своето, но прашање е уште колку можеме да чекаме затоа што веќе многу време загубивме. Вториот начин е Владата да пресече и веднаш и да се воведе бесплатен телефонски број од кој било провајдер. Парите што државата ќе ги вложи се малку во споредба со ефектите што ќе се добијат во зголемување на образованието, развој на идеите, можноста за брза комуникација и размена на искуства и можност за развој на мали и на средни бизниси - вели Методија Пејоски, експерт за Интернет.
Според Зоран Глигоров, администратор на интернет-страницата org.mk, во Македонија има околу пет отсто корисници со редовен пристап на Интернет.
- Се очекува оваа бројка наскоро рапидно да се зголеми поради пробивот на други начини на добивање Интернет освен телефонската класична, dial up-линија. За индивидуални корисници со зголемувањето на цената на телефонскиот импулс, пристапот на Интернет може уште повеќе да се намали. Овде се поставуваат две прашања. Колку корисници на Интернет имаме и колку македонски сајтови се достапни на мрежата. Корисници има малку, затоа што за да одат на Интернет, луѓето треба да користат некој туѓ јазик, а сајтови има малку зашто нема доволно посетители, односно побарувачка - нагласува Глигоров.
Предраг Чемерикиќ од Он.нет објаснува дека за државата инвестицијата во Интернетот би била смешна во споредба со тоа колку ќе ја чини незнаењето за пет години.
- Денес и ЕУ и САД имаат фондови што би помогнале во таа акција. Тврдам дека за шест месеци бројот на интернет-корисниците може да се зголеми до 30 отсто, пристапот на Интернет да се субвенционира, а корисниците да не плаќаат за потрошениот телефонски импулс. Треба да се воведе бесплатен телефонски број за пристап на Интернет, а Владата да го среди тоа со телекомот. Тоа треба да се направи веднаш. Државата треба да биде промотор на користењето на Интернетот. Губејќи ја трката со интернет-технологијата, го губиме чекорот со светот - вели Чемерикиќ.
Од едукативниот центар „Александрија" информираат дека Интернетот е елегантен начин да се дојде до информација, која пак денес е најскапа.
- Државата треба да обезбеди фер игра, регулатива за влегување на странски капитал што ќе обезбеди побрз и поквалитетен Интернет. Во Македонија постои дефицит на кадри што ќе работат на развојот на ИКТ, а во нашиот едукативен центар, покрај кратките курсеви за компјутерско описменување, се организира и академија за информациски технологии со која младите се подготвуваат за идната професија, односно специјалистички студии според побарувањата на пазарот - нагласува Александар Марјановиќ, извршен директор на едукативниот центар „Александрија".
********
Како другите го прават тоа
<>Пред околу пет години Европската Унија испратила писмо до Франција и до Италија со предупредување дека на листата на европските земји овие две имаат драстично помал број интернет-корисници во споредба со Германија и Велика Британија. Така, Франција откупува 300.000 бесплатни годишни пристапи кон Интернет и по клуч им ги дели на ист толкав број фирми. Ефектите за кратко време се фантастични, а можностите за нови контакти и за развој на бизнисот се огромни. Италија на 11.000 фирми им обезбеди пристап на Интернет без пари, кои тие ќе ги популаризираат за симболична цена низ целата земја. Резултатите и таму се фантастични - раскажува Методија Пејоски.
********
Од економската криза нема да не извлечат гиганти
<>Резултатот од неразвиени информатички технологии е технички неписмен народ.
- Сите нормални држави како поевтин начин на работење при плаќањето даноци, сметки, за добивање информации за работата на државните институции и на Владата користат информациско-комуникациски технологии. Младите луѓе што за 10 години ќе бидат носечки во компаниите и во бизнисот се сиромашни во тие знаења. Мислам дека од лошата економска состојба нема да не извлечат гиганти, туку мали претпријатија со по десетина вработени. Тие треба да се претстават на Интернет и да ја прошират соработката со странските партнери - вели Предраг Чемерикиќ.
Текстот е на Елена Ристеска и превземен од весникот
Време
Последни коментари