Published on Опасна Багра (http://bagra.org)

Фрчкоски - Македонскиот Хауард Стерн

Од KenzoTange
Креирано 29 јан 2005 - 12:01
Ова не е обичен текст, ова е трибјут ту Фрчкоски. Нашиот екол нормал супериор, човекот за кој сите се прашуваме како ги обавува секојдневните нормални моторни функции во своето тело на згоден смртник , кога има енормно голем и комплексен неокортекс незамислив за наши интелектуални стандарди и џидипи. И јас се чудев па почнав да ги интервјуирам неговите студенти кои евидентно подложни на неговиот гениј, вуду скрупули и принципи кажуваа само едно “цар е човекот, закон устав...”. Но јас скептички почнав да ги читам неговите книги во потрага по остатоци од плацентата на неговите интелектуални трудови кои се Титиов Врв за другиве ФИРОМ-интелектуалци.

Најпрво ја анализирав “Теории за демократијата” (1992) каде за чудо имаше се освен Фрчковштина, но добро си викам теории се во прашање, во секоја хрестоматија авторот не треба да размислува. Важно во оваа социолошка хрестоматија (замаскирана во политиколошка бидејќи така е со поише шмек) е тоа што можат да се насетат актуелните процеси на експериментална европеизација, губење на суверенитетот на нациите, новите политички системи кои ќе завладеат кај нас во наредните 12 години и др. Ех да имаше некој паметен тогаш да ја психо-патолошки анализира потсвеста на г-дин г-дин Љубомир Данаило Фршкоски (бидејќи и тој очигледно баш и не си ја разбрал книгата) и да изготви една стратегија за развој на Македонија.

Копав и по Фрчковото хоби со византизмот ама ме удри фобија на Тупурковштина и комплексите на моето потекло од работничко семејство па не се осудив да критикувам аристократско хоби како она на Фрчковци. За нас варварите си е Веро, Тинекс и зелено пазарче карши градска.

Значи утка пак. Наредно поле за истражување на македонското НЛО наречено ЉДФ е во неговите испади по ТВ медиумите. Читав, гледав и слушав што прави нашиот Хауард Стерн и се почуствував како антропологот Бронислав Малиновски познат по неговите набљудувања на поглавицата во џунглите на Полинезија. Се беше ОК, ЉДФ (скапо и екцентрично облекол наочара со црвена рамка) не само што се снаоѓаше со својот маркантен и припрост цинизам, туку и доминираше во секое гостување по емисиите за култура, економија и политика. Техниката е во “молчи кога другиот разговара” така подоцнежното уфрлување на опонентот во твојата дискусија го прави нецивилизиран сељак, “кога ти е редот објективно критикувај” потоа “вметни го поимот морон(и) за лица кои не се присутни во емисијата” за да не можат да реплицираат и секогаш “смешкај се” како фацијална симболизација на постоечкиот презир и омаловажување што го имаш кон останатите. Но во медиумите тој е заштитена загрозена врста, а изговорот за тоа е дека едноставно од тој човек блика позитивен садо-еротски набој и за неговите испади да се зборува без цензура е да се зборува за некој врвен француски коњак без бандерола. Треба да се стимулира расплодувањето на таа врста на интелектуалци што е можно повеќе макар и со Ин Витро оплодување на клиниката Јустинијан Први.

Моите антрополошки студии врз приматот Фрчкус Интелектуалис продолжија со анализа на основниот фактор на сустејнабилити на секој интелектуалец (а бил џандар број еден во 90-тите што се коси со стереотипот на народот за џандарите), а тоа се колумните во македонскиот “д Тајмс” т.е. Дневник каде редовно се прави интелектуална онанија. Повторно главна одлика на неговите испади во медиумите не се мудри мисли и стратешка политколошка или социолошка анализа на глобалните и националните социо-економски и политички состојби. Наместо тоа се запознав одблизу со тоа што значи да се прави аналогија помеѓу Анимал Планет и Дискавери Ченл во однос на македонската дневна политика. Увидов дека единствено нешто што Фрчковски може да го Нострадамусовски предвиди како иднина е тоа што го гледал синоќа на кабловска. Баџи џампинг или царството на мравките е нешто што Фрчко го смета како одличен интелектуален инструмент за дескрипција на македонската реалност, но не ми е јасно дали и тој како мене - обичен цивил, го пие секојдневно менхетен коктелов сотавен од бучкуруш терминологијата ФИРОМ, Бране Вокер, Лоренс Бучковски, Хари Корпорејшн, Трифун Св. Индастријл... Хаос.... А јас сеуште очекувам да видам во колумните на интелектуалецов Фрчко нешто за експериментот со консоцијалната демократија во Македонија, новата стратегија на македонските полиси мејкери за афирматив екшн за етникумите, што значи Македонија во Републиканското лоби, што значи двојната формула за името за Македонија која е сеуште обединета во правните регулативи на Старателскиот Совет при ОН..........зошто сум и уште една добра аргументација зошто да останам Македонец.

Би го прашал Плевнеш, но не е тука па, за жал во ФИРОМ можеби вие г-дин ЉДФ сте единствен кој можете да ми одговорите. Во потрага по овие одговори и ви го пишувам овој трибјут.

Изворно URL:
http://bagra.org/node/1343