Постоеше еднаш, не многу одамна, богато и моќно Кралство наречено Маусдонија. Беше напредно и убаво, и Маусдонците беа мошне задоволни.
Кралството беше опкружено од три страни со скоро непроодни планини, а од четвртата со широка река постојано прекриена со густа магла. Постоеја легенди дека некои граѓани, наречени Патувачи, биле на места навор од Кралството, но солидните граѓани сметаа дека тоа се измислици или безвезни нешта; се што е потребно има во Кралството, па зошто некој би сакал да оди надвор, дури и кога такво нешто би било возможно и безбедно?...
Кралот и Владата посериозно ја сфатија работата, и уште одамна го направија Патувањето незаконско поради тоа што е Опасно. Специјална Полиција ги чуваше границите на Кралството.
Повеќе години некои посиромашни граѓани и одметници зборуваа за Патување во земја наречена Канабија, која тврдеа дека се наоѓа на другата страна на Магливата Река, но овие кутри граѓани едноставно беа фрлани во затвор од Полицијата и на никој не му беше многу гајле за нив.
Како минуваше времето, се повеќе и повеќе граѓани зборуваа за убавините на Патувањето во Канабија, а овиe граѓани беа трговци, принцеви, продавачи и, особено, Младите. Повеќе Полицајци беа најмени, и Министрите во Владата го предупредија населението за опасноста од Патување, но и покрај тоа се повеќе и повеќе граѓани патуваа.
Добрите граѓани почнаа да негодуваат и протестираат за да се направи нешто. Некои тврдеа дека Патувањето во Канабија е опасност која ја поткопува силата на Кралството. Други тврдеа дека тие кои патувале се болни во умот и треба да им е помогне, без разлика дали сакаат помош или не. Некои, кои тврдеа дека се Патувачи, го кренаа својот глас и рекоа дека е добро да е патува во Канабија. Некои рекоа дека не е работа на Кралот дали граѓанинот патува во Канабија или не.
Сред целата конфузија и негодувања, некои граѓани запрашаа, „Што велат нашите Учени? Што претставува ова Патување? Како можеме да ги разбереме оние кои велат дека е Добро и оние кои велат дека е Лошо? Како можеме мудро да го трошиме Кралското злато да направиме нешто кога сме збунети од ова што се случува?“
Учените гледаа во своите книги и се расправаа меѓу себе. Во некои книги пишуваше дека Патувањето во Канабија е Лошо, и Докторите пишуваа дека лечеле болни луѓе кои некогаш порано биле во Канабија. Во некои книги пак пишуваше дека Патувањето е Добро, Необјасниво, Убаво, и Крајната Вистина. Некои книги за Патувањето во Канабија, напишани од граѓани кои биле таму еднаш или двапати, беа сосема конфузни. Други беше јасно дека се напишани од лудаци. Уметниците пишуваа за сликите во Канабија. Филозофите пишуваа за возвишената филозофија во Канабија, но не ги спомнуваа сликите. Религиозните луѓе пишуваа за учењата во Канабија, но не ги спомнуваа сликите. Никој не пишуваше за самата Канабија.
Бидејќи негодувањето на граѓаните растеше, Кралските Министри им разделија злато на Учените и им наредија да ја откријат Правата Вистина за Патувањето во Канабија.
Како што е познато, има Учени и Учени. Некои направија едно нешто со своето злато, други друго.
Најмоќна Школа тоа време беше Екстерналистичката Школа. Тие знаеја дека луѓето можат да лажат и поради тоа одлучија дека не е важно што човек ќе каже, туку како се однесува. За да се оствари Патувањето во Канабија, треба да се премине Магливата Река. Бидејќи пливањето беше непознато во Кралството, ова изгледаше дека е нездраво дело кое може да доведе до давење, но Учените од Екстерналистичката Школа решија да го проучат во своите Лаборатории. Конструираа големи резервоари кои ги наполнија од Магливата Река. Обичните граѓани (тие кои тврдеа дека патувале во Канабија се сметаа премногу пристрасни за да се користат) беа држени под вода во различно времетраење и нивното однесување беше наблудувано. Кратките потопувања имаа слаб ефект, но подолгите предизвикаа Диви Движења, Забрзано Дишење и Чудни Звуци. На тој начин, Учените заклучија како Патувањето во Канабија делува врз луѓето.
Некои рекоа, „Ова е секако точно, но зошто некои граѓани го ризикуваат гневот на Полицијата поради ова? Можеби има уште Вистина која треба да биде откриена?“
Неколку Учени од други Школи користеа искусни Патувачи во нивните резервоари со вода и дојдоа до сосема поинакви резултати, но нивниот глас не се слушна далеку бидејќи беа навистина малубројни.
Последни коментари