Преземено од Москвич дизел [vestipomoe.blog.com.mk]
__________________
Владата ќе направи историска грешка доколку ги купи новите двокатни автобуси.
120-те милиони евра за 300 нови двокатни автобуси ќе бидат целосно промашување во скопски сообраќаен хаос. Наместо овие гломазни автобуси, инвестицијата предвидена од нашата влада треба да се пренасочи кон изградба на трамвајска линија и приградска железница. Целокупниот проект за трамвајот во Скопје чини 280 милиони евра за изградба на 4 трамвајски линии. Сепак, изградбата на најважната трамвајска линија бр.1 би не чинела од 80 до 100 милиони евра вклучувајќи го депото, инфраструктурата и нови десетина трамваи. Првата линија на трамвајот би ги поврзувала скопските населби Ново Лисиче, Аеродром, Центар, Карпош и Влае. Би се движела по булеварите Партизански одреди, Димитрие Чуповски, комплексот банки и Јане Сандански.
Останатите средства од овие 120 милиони евра би се вложиле во приградска железница. Железницата би поаѓала од сегашната Железничка станица во Центар и би се движела во неколку насоки. Првата приоритетна линија би била поврзување со аеродромот во Скопје и населбите Маџари, Илинден и Петровец. Втората линија би ги поврзала населбите Железара, Скопје-Север, Ѓорче Петров, Даме Груев, Волково и Сарај. Третата линија би била во насока на Лисиче, Драчево и Зелениково. Најважното во проектов е тоа што би се користела постојната железничка инфраструктура по која се движат меѓуградските возови. Единствена инвестиција би била купување на трамваи или возови, изградба на современа станица на аеродромот и реконструкција на сегашните железнички станици. Дека идејата е добра покажува и возниот ред на возовите според кој од Сарај до Центар се стигнува за помалку од 20 минути, 15 минути од Волково, 10 минути од Драчево и 15 минути од аеродромот.
Алтернатива на трамвајската линија во населбите би биле суперавтобусите(види фото) кои веќе се воведуваат во неколку метрополи во Австралија. Овие супербуси имаат околу 200 седишта и се 3-4 пати попространи од обичните автобуси. Ваквава идеја е широкоградо прифатена во целиот западен свет, а и пошироко. Скопје заедно со дупло помалите Тирана, Приштина и Подгорица се единствените градови во Европа кои немаат трамвај или приградска железница. Дополнителен проблем за Скопје е и тоа што брзо се шири, а улиците не можат да ги примат илјадниците нови автомобили. Затоа за брз и ефектен транспорт се препорачува трамвај и приградска железница. Владата добро да размисли уште еднаш пред да ги потроши парите на глупост!
Последни коментари