БОЛКИ
Како ли да се заборави грутката
на средината на грлото
кога постојано ме потсетува дека е тука
додека голтам
и дишам
Или може ли да исчезне
вшмукувачката халуцинација
на жилетот што резба
по кожата на моите подлактици
тестирајќи ми го прагот на издржливост
кон сосот од неподносливост
на семињата болки...
Ќе пресушеа ли очиве
ако до сега не беа сторени
седум океани од нив
и не знам колку мориња
за секој по нив да броди
пред вителот на ураганот
Ќе се зацврсти ли
кревкоста на шишето доверба
што лесно се крши
а скапо се плаќа
и ќе дојде ли ден
да се роди панаѓур на апстрактни нешта
па да можам да си купам
малку љубов на лижалче
за да се облажувам
кога ја немам...
и ќе прерасне ли реткоста во честота
па да има повеќе луѓе
а помалку ѓубре...
смрдеата во парфем да се претвори
за помалку да ме болат синусите
кога намирисувам
и нека се врати назад времето
за пак да сум палаво, но безгрижно дете...
Последни коментари